Повик до сите заинтересирани страни, граѓански здруженија, психолози, правници, социолози, институции за приклучување кон создавање на информативна платформа ИНКЛУЗИВЕН ХАБ
и давање на поддршка на лицата со попреченост
Здружението на граѓани Куќа на среќата ги повикува сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации и сите правни лица кои работат со лицата со попреченост, да се пријават и вклучат во создавањето и одржувањето на единствената платформа и инклузивен портал во Македонија наменет за лицата со попреченост и нивните семејства ИНКЛУЗИВЕН ХАБ.
Лицата со попреченост се соочуваат со неможност од информираност на едно место и на единствен начин, не им се достапни сите информации на едно место и за истите морат да дознаваат и прашуваат преку други, да се информираат самите меѓу себе, или пак тие информации се на различни страни, различни портали, различни институции, здруженија…. насекаде, без постоење на еден единствен систем, единствена платформа, единствен портал, каде ќе можат да се информираат, каде можат да добијат помош, каде сите информации ќе бидат на едно место. Нивната заштита и информираност е низ различни институции, голем број на здруженија, портали, веб страни…. но нема поврзаност на сите тие заедно, нема единство, нема мрежа.
Поради таа причина Ве повикуваме да се приклучите кон овој повик и сите заедно да им ја олесниме информираноста на лицата со попреченост, полесно да дојдат до потребните информации, полесно да се запознаат со своите права, полесно да барат нивно остварување, полесно да може да се запознаат со вашето работење, активности, организирани настани, култура и активно вклучување во општествениот живот и социјална мобилизација..
Цел на платформата ИНКЛУЗИВЕН ХАБ: Создавањето на единствена веб платформа портал ПОСЕБЕН ХАБ преку здружување и поврзување на сите организации и правни лица од различни профили кои работат со лица со попреченост и нивните семејства да ги споделат сите потребни информации, настани, случувања, совети наменети за лицата со попреченост како и поттикнување, организирање и помагање на активности за лицата со попреченост и нивните семејства.
Мисија: да се здружат и поврзат организациите од различни профили поради размена на мислења, информации, идеи, знаења и искуство, како и поттикнување, организирање и помагање на активности од областа на заштита на правата на лицата со попреченост, нивна информираност од различни области култура, образование, помош и поддршка.
Визија: Целосна информираност и достапност на сите информации за лицата со попреченост на едно место, социјална мобилизација и нивно активно вклучување во општествениот живот.
Сите вие кои сакате да се приклучите кон оваа платформа можете да не контактирате и да се пријавите со испраќање на меил на kukja.na.srekjata@gmail.com или контакт телефон на нашето здружение +389 71 216 965
Подржано од Град Скопје