Здружението на граѓани Куќа на среќата, во соработка со Хуманитарната организација „Свети Спас“ Скопје и Сојузот на спортови на град Скопје за прв пат во нашата земја организира инклузивна штафетна трка и ве поканува сите вас да бидете дел од неа.
Со цел да ја подигнеме свеста за видливата и невидливата попреченост и да допринесеме таа да стане видлива и повеќе да се слушне за неа, одлучивме за прв пат во нашата земја да ја обележиме со организирање на хуманитарна инклузивна штафетна трка која ќе се одржи на 20-ти мај 2023 година.
Информации за настанот може да видите и на ИНКЛУЗИВНА ШТАФЕТНА ТРКА – ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА
Во знак на поддршка на лицата со попреченост сакаме преку трката да ја испратиме пораката дека ги разбираме, прифаќаме и сакаме сите лица со видлива и невидлива попреченост и да се најдеме сите на едно место, да го поминеме истиот пат, истата трка, за да создадеме заедно едно поинклузивно општество, порака дека сите сме исти и дека само сите заедно можеме да стигнеме до целта.
Хуманитарна инклузивна трка
Инфо за трката
Опис: Штафетна трка во трчање 1000 метри со различни инклузивни тимови
Датум: 20.05.2023
Локација: Градски Парк – Школка, Скопје
Време на стартот: 11 часот
Тип на трка: штафетно трчање со 4 измени
Пријавување на: smartrace.mk
Забава: 12:00 часот
Цел и придобивки од хуманитарната инклузивната трка
Заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу сите лица, лица со видлива и невидлива попреченост. Целта е да се подигне свеста за инклузивност и прифаќање на различностите, да испратиме порака дека секој е значаен за успех во ова општество, секој може да биде корисен на свој начин и само заедно можеме да стигнеме до целта.
Трката е од хуманитарен карактер и собраните парични средства ќе бидат наменети за подигнување на инклузивната свест и помош и поддршка на семејствата кои имаат лице со попреченост и иницијативата сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост.
Во трката учествуваат тимови од 6 лица кои се пријавиле поединечно или групно како тимови и кои го исполнуваат условот да бидат инклузивни, односно тимот да го сочинуваат типични и атипични лица, кои ќе трчаат штафетно. Две штафети се предвидени за лицата со попреченост кои ќе трчаат во пар. Сите тимови и учесници треба да бидат регистрирани и да ги носат стартните броеви и штафетните палки кои ќе ги добијат од организаторот.
Тимови и учесници
Секој тим мора да биде инклузивен, односно во трката можат да учествуваат тимови составени од 6 лица од 7 до 77 години. Тимовите трчаат штафетно и истите мора да бидат од 2 лица типични, 2 лица атипични (видлива, невидлива попреченост) и 2 лица асистенти кои ќе трчаат заедно со атипичните лица.
Секој тим е во мешан состав и се состои од вкупно 6 лица, каде барем 2 лица мора да бидат машко или женско лице, 2 лица со атипичен развој, деца, возрасни, деца од посебните основни училишта (лица со ментална попреченост, лица со хронични болести, лица со оштетен слух, со оштетен вид, телесна попреченост) и 2 лица со типичен развој.
Начин на создавање на тимови и пријавување
Пријавувањето на тимовите ќе започне од 20.03.2023 година и ќе трае до 10.05.2023 година
Предвидени се повеќе опции за пријавување – пријавување на тим од 6 лица, поединечно пријавување и пријавување на лица со атипичен развој.
Пријавените кои нема да можат да ја обезбедат потребната бројка на учесници 6 лица, односно да создадат инклузивен тим кој ќе ги вклучува сите лица ќе бидат вклучени во тим од пријавените од страна на организаторот.
Стартот на трката ќе биде во 11 часот.
Трката ќе се одвива по следниов редослед:
Атипичен тркач е лице со попреченост, кој е дел од трката без разлика на видот на попреченост (видлива-невидлива) – аутизам, АДХД, епилипсија, дијабет, рак, кардиовасклуларни болести, лица со телесна попреченост, комбинирани пречки – лица со параплегија и квадриплегија, мускулна дистрофија, слепило……
Измените се реализираат со предавање на штафетната палка – сончоглед на следниот натпреварувач од тимот во определениот простор (ќе бидат дадени инструкции на лице место). Трката може и да се пешачи, може и да се трча со носење во раце, да се држат за рака….
Секој натпреварувач трча во должина на означена патека. Типичните тркачи А и Г трчаат 40 метри од својот дел, додека тркачите Б и В трчаат 460 метри од својот дел. Вкупно метри за трчање 1000.
Сите натпреварувачи од првата измена (стартери) стартуваат истовремено, но секој од својата позиција која претходно ќе се одреди (некој ќе стартува од првиот ред, некој од последниот) Измената и преземањето на штафетната палка се вршат поединечно во слободните ленти на патеката
Пријавување
Цена:
500,00 денари од учесник со маичка од настанот
За лицата со попреченост (видлива, невидлива) учеството е бесплатно.
Рок за пријавување: 10.05.2023
Секој тим/учесник добива:
– Стартен број
– Медала
– Маичка од настанот
– Вода и освежување за време на трката,
– Забава пред и по трката,
– Истакнување на компаниското лого во листите со пријавени тимови,
На крајот имаме инклузивна забава за заедничко дружење, запознавање и музика.
Во случај на неповолни временски услови, организаторот го задржува правото да го помести терминот на одржувањето
– Бројот на вкупно учесници е ограничен на 300.